Научниците успеаја со ласер да пренасочат удар од гром

Списанието „Нејчр фотоникс“ објави статија во која пишува за работата на група научници кои со помош на ласер успеаја да пренасочат удар на гром. Научниците поставија моќен ласерски склоп на врвот на швајцарската планина Сантис, на надморска височина од 2.500 метри, веднаш до телекомуникациската кула што се наоѓа таму. Оаа кула е честа мета на удари од гром, па затоа сметаа дека е добро место за проучување на ефикасноста на ласерите во нејзината одбрана.

Експериментот траеше од јули до септември 2021 година, а за водење на патеката на молњите беше користен пикосекундиски ласер, кој е во состојба да емитува наелектризирани светлосни импулси до илјада пати во секунда. Овој ласер се вклучуваше исклучиво за време на бура со грмотевици и сними околу шест часа експериментална работа. За време на научното набљудување, телекомуникациската кула била погодена од гром најмалку 16 пати, а четири пати за време на работата на ласерот.

Еден удар, од 24 јули 2021 година, е забележан детаљно со помош на камерите, а беше снимен и со VHF интерферометар, кој сними електромагнетни бранови околу местото на настанот. Истовремено беа снимени и рендгенските зраци кои беа произведени од ударот. Она што го покажаа резултатите е дека траекторијата на молњата го следи ласерскиот зрак во должина од околу 50 метри.

Во областа на планината Сантис, најчеста форма на молња е од земјата до облаците. Овој облик на молња е многу честа појава и се јавува кога негативно наелектризираните јони од земјата се креваат и се среќаваат со позитивно наелектризираните јони во кумулонимбусните облаци (вид поврзан со најсилните грмотевици). Токму таков удар, кој тргна од земјата кон небото, е успешно пренасочен од ласерот.

Иако оваа област интензивно се истражува повеќе од 20 години, ова е прв случај на ласерско пренасочување молња, велат научниците. Тие веруваат дека нивните резултати ќе го отворат патот за нови истражувања и како да се користат ултракратките ласерски импулси во атмосферата, а со тоа да се развијат функционален ласерски одбранбен систем за аеродроми, лансирни рампи и друга инфраструктура од удар на гром.

Scroll to Top