Зоран Спасов-Ѕоф: Џабе живиш у Скопје, ако не го разбираш најдобриот хумор у свет

Новата книга на авторот Зоран Спасов-Ѕоф, „Џабе живиш у Скопје“, неодамна на промоција го собра речиси цело Скопје.  Откако 600 луѓе дојдоа да ја слушнат скопската приказна на Ѕоф,  книгата е број еден најпродавана во „Литература“. Ѕоф вели дека ја напишал, затоа што тоа му го должи на Скопје.

„Сите мои книги се раздолжување на нешто, но оваа е на Скопје, на кое му должам затоа што ме израсна и воспита да станам позитивна личност. Ми ја даде онаа улична култура која остава траен белег. Но, една од причините да ја напишам книгата е скопскиот јазик, не сленг, и друго, скопскиот хумор. Затоа што џабе живееш во Скопје, ако не го разбираш скопскиот хумор, затоа што е еден од најдобрите во светот, па го надминува дури и британскиот“, вели Ѕоф, кој ни откри дека е стар скопјанец, роден во центарот на главниот град.

Скопје е една страна, но Тито е исто приказна за која сака да зборува. Оние кои го познаваат знаат дека секој 4 мај, во 3:05, времето кога почина Маршалот, тој застанува мирно да му оддаде почит.  А секој 25 мај, некогаш Ден на младоста, Ѕоф дома прави журка на која, вели, се случува делириум, затоа што сите доаѓаа облечени како титови пионери.

„Цело друштво доаѓа кај мене дома. Сите сме со дрес код, доле тегет, горе бела кошула, титовка на глава, црвена марама. Од најмал до најстар. И тоа е еден транс во кој паѓаме сите. Се слави свети Тито. Се навраќаме на тоа време, пееме песни, имаме слики со Тито, шалови, иконографијата дома е цела во тој стил, чаршавите се југословенски знамиња“, раскажува Ѕоф, кој ја напиша и книгата „Тито мојот претпоследен херој“.

Ни откри дека три пати ја носел штафетата на Младоста и не спиел 10 дена од возбуда.

Во интервјуто зборуваме и за првиот таблоид „М експрес“, на кој тој беше сопственик. Но и познатото шоу „Џандар збира“, кое го водеше Игор Џамбазов.

„Во ‘Џандар збира’ правевме намерно исти клучеви за да им се паднат коли на луѓето. Поделивме 24 коли за делириумот кај луѓето да биде поголем. А, со ‘М експрес’, имаше толкави тиражи што се покажа дека народот е гладен за трачеви, бајачки, гатачи и да дознае каков е животот на познатите личности“, раскажува Ѕоф за „Репортер“.

Приватно е татко и сопруг. Во брак е со Весница која му е инспирација за сè што прави. Од друга страна се децата кои живеат во Канада, за кои вели: „Ми недостасуваат, но знам дека се среќни. Секој ден сме на Вибер, тешко ми е што се гледаме два пати во годината, но од друга страна кога ми се јавуваат ми кажуваат само убави работи, а не проблеми, што ме прави среќен“.

Од претставата „Торонто експрес“ која уште се игра во МНТ, преку Тито и Скопје, за првиот македонски таблоид, зошто скопскиот јазик има 10 дијалекти, колку е тешко да ја насмееш публиката, другарството со Игор Џамбазов… гледајте го интервјуто.

Александра Георгиев

Scroll to Top