Снеже Велков: Ни маж ми не знаеше дека сум од Каменица, уште се шегувам дека го прелажав за лична карта

Снеже Велков, некогаш водителка на популарното „Ред хот“ шоу, денес е автор на емисијата „Нешто конкретно“. Една од ретките кои секое утро стануваат во 6 и пол за да ја извози дневната рута со велосипедот на кеј на Вардар. Таа долго време е инструктор по пилатес, а на Инстаграм преку своите видеа ги мотивира сите оние на кои им треба ветер во грб за да почнат да се грижат за сопственото тело.

„Јас сум од оние не како да се натерам да вежбам, туку како да престанам да вежбам“, вели Снеже.

Поради литературниот јазик на кој зборува ретко кој знае дека е од Македонска Каменица. Во Скопје дошла кога се запишала во средно Медицинско оти нејзините сакале да биде докторка. „Јас пак уште од Каменица знаев дека сакам да бидам на телевизија“, раскажува таа.

 

Кога од родниот град дошла во Скопје не било лесно на новиот начин на живот.

„Во Каменица нема ни семафори, ниту натпревар за облекување. Дење ги броев станици каде да се симнам од автобус, а ноќе ми беше страв дека ќе ме нападне некој“, раскажува таа и додава: „Јас решив да ги прифатам правилата на големиот град и прво решив да зборувам не скопски туку литературно, оти во тоа време секое зборување на дијалект беше ‘ти си од провинција’“, низ насмевка раскажува Велков за „Репортер“.

Мајка на две деца, вели дека е строга. Со сопругот Дарко 16 години е во брак.

„Ме видел на телевизија, па рекол дека ќе му бидам жена. Најде начин како да дојде во емисијата како мој гостин. Снимавме интервју. Ми донесе чоколадо, се вљубивме“, раскажува Велков.

За веганскиот начин на живот вели дека е исклучиво од здравствени причини, оти има алергија на протеинот. „Инаку, како ми се јаде и бурек со сирење и месо и кашкавал и пица“, раскажува Снеже.

Од почетоците до денес, за деновите во Македонска Каменица и животот во Скопје, за љубовта, бракот, споменот на починатата Ирина, инструкторка поради која Снеже засака пилатес, сите мотивациски видеа кои ги пушта на Инстаграм, гледајте го интервјуто.

Александра Георгиев

Scroll to Top