Мира Шкориќ по 15 години го победи ракот

Српската пејачка Мира Шкориќ вели дека по 15 години конечно успеала да го победи ракот на тироидната жлезда, кој важи за една од најподлите форми на рак. Пејачката имала четири операции и многу проблеми, но сега е добра.

„Отсекогаш сум била негрижлива за своето здравје, што да правам, таква сум… И сега се ежам кога ќе се сетам на периодот пред да откријам дека сум болна. Во еден момент почнав да се чувствувам чудно, уморно. Што и да правев, се чувствував слабо. Потоа се појави блага, подмолна температура, 37.2, и не знаев од што е. Во исто време необјасниво губев тежина“, ја почнала својата приказна пејачката.

„Не сум личност која плаче и се плаши од болести, продолжив да живеам нормално, пеев, снимав, одржував концерти. Ги игнорирав симптомите додека лимфна жлезда не ми се појави на вратот над клучната коска. И тогаш сфатив дека е сериозно. Докторите ми ја кажаа суровата вистина, која не сакав да ја прифатам. Вистината беше дека имам карцином на тироидната жлезда, со метастази. Бев во состојба на целосен шок и неверување“, вели таа во интервју за српските медиуми.

„Сè уште се борам, примам терапии, го одржувам имунитетот, земам витамини. Сè уште пеам нормално, по два часа, како да не ни бев болна. И не ми се допаѓа кога на луѓето им е жал за мене, кога ќе прочитам дека ‘сум се повлекла од сцената’, дека веќе не можам да пеам. Никогаш не би кажала ни збор за мојата болест во јавноста да нема други болни од рак, на кои можеби би можела да им помогнам“, вели Мира.

Scroll to Top