Бил Кејсинг прв ја почна приказната дека слетувањето на Месечината е лага

Милиони луѓе ширум светот и денес веруваат дека Нил Армстронг никогаш не слетал на Месечината, дека овој револуционерен настан воопшто не се случил и дека е во прашање неверојатен заговор.

Првата теорија е поврзана за Американецот Бил Кејсинг, за кои многумина заговорници сметаат дека стои зад целата оваа приказна. Тој работел за компанијата која ги градела ракетните мотори „сатурн В“. Кејсинг бил меѓу 400.000 луѓе кои биле заслужни за развојот на вселенската програма Аполо на агенцијата на НАСА.

Само тој и се посомневал дека нешто е сомнително во целата оваа работа, а потоа целиот свој живот го посветил на истражување на истата. Во 1976 година, ја објавил книгата „Никогаш не бевме на Месечината: Американска измама од 30 милијарди долари.

Тоа покренало низа на теории на заговор кои се актуелни до ден денес. Секој шести Британец верува дека слетувањето на Месечината е лажирано. Кејсинг во текот на целиот свој живот пропагирал дека НАСА слетувањето на Месечината го направила во филмско студио.

Изнел цела низа на добро познати тези. На фотографијата не се видливи ѕвездите, американското знаме се поместува иако тоа е невозможно. Се гледаат сенките од различни агли и воопшто нема кратери кои ги направило леталото Игл.

„Се знае дека НАСА имала некој успех и тогаш во 1969 година, одеднаш можело да се спроведе во дело таков лет? Тоа е статистички невозможно“, изјавил Кејсинг во 1994 година.

Кејсинг починал во 2005 година на 82 годишна возраст.

Иако НАСА, како и голем број експерти, во текот на децении објаснувале дека летот на Месечината бил реален, сепак постојат голем број на заговорници кои не веруваат во тоа.

За целата приказна допринела и сцената од еден филм за Џејмс Бонд „Дијамантите се вечни“, со Шон Конери. Додека го бркал негативецот, Бонд случајно упаднал на сет кој изгледал како површината на Месечината, со сите астронаути, што алудира на тоа дека целата работа е изведена во студио.

Тоа сепак била шега, но подоцна низ годините почнале да се снимаат филмови во кои се примила идејата за лажното слетување на Месечината. Особено во ерата на интернетот, оваа теорија на заовор добила се поголема популарност.

„Американците сакаат теории на заговор. Секој пат кога нешто ќе се случи, секогаш се наоѓа некој кој ќе понуди контраобјаснување. Освен тоа, како поинаку би се одржувала оваа лага веќе 5 децении, а никој од НАСА никогаш не проговорил за тоа“, изјавил историчарот Роџер Лаунијус.

Scroll to Top