Селма Блер позирашe со нејзиниот бастун за насловната на „Вог“: Тој е дел од мене

Американската актерка Селма Блер позираше со бастун во раката за британското издание на „Вог“ за мај, а покрај тоа дала големо интервју во кое проговорила за тешката битка која ја води со мултиплекс склерозата.

„Длабоко сум врзана физички и емотивно за тој бастун. Телото и гласот ми се смируваат штом ќе го земам во рака. Исто така, визуелно е моќен. Многу млади луѓе започнаа да носат бастуни во јавноста“, изјавила Блер, која ја паметиме по улогите во филмовите „Cruel Intentions“, „Hellboy“ и „Legally Blonde“.

Актерката вели  дека многу  е важно како изгледа и се претставува во јавноста.

„Мислам дека презентацијата е многу важна. Ако можам да помогнам во отстранување на стигмата или претераната љубопитност, тогаш тоа е одлично“, вели Селма.

Selma Blair

Блер денес повеќе не се занимава со актерство и стана т.н. претставничка на луѓето кои се борат со мултиплекс склероза.

„Мојот автоимун систем започна да се гаси. Ја губев косата и немав енергија. Морав да се повлечам“, изјавила таа и напоменала дека поминувала низ пекол на последните снимања бидејќи се обидувала да ја сокрие болеста, а постојано ѝ се јавувале умор и тикови кои мултиплекс склерозата ги предизвикува.

За првпат се појави во јавност по дијагнозата во 2019 година, кога на забавата на „Vanity Fair“ по Оскарите се појави со бастун.

„Немав поим дека тоа мое појавување ќе биде толку значајно, како ни дека мојата отвореност и разговорот за искуствата со болеста ќе бидат толку корисни“, изјавила актерката.

Селма рекла дека се надева дека филмската индустрија ќе започне да вклучува луѓе кои боледуваат од мултиплекс склероза во проекти.

„Полагам голема надеж во филмската индустрија кога станува збор за оваа тема. Времињата се менуваат“, заклучила Блер.

Scroll to Top